Продолжуваат конфликтите во Судан. Ниту армијата ниту паравоените сили на генералот Мохамед Хамдан Дагл не успеваат да извојуваат победа и покрај борбите во кои веќе се загинати речиси стотина луѓе, меѓу кои и тројца хуманитарни работници на ОН. Двете страни објавија дека го прифаќаат барањето на ОН за воведување тричасовна „хуманитарна пауза“ за да се овозможи евакуација на повредените, но засега не се знае колку точно се придржувале до договорениот прекин на огнот, пишува „Би-би-си“.
Лекарите предупредуваат дека ситуацијата во болниците во главниот град, Картум е исклучително тешка и дека поради конфликтот медицинските работници тешко доаѓаат до ранетите. Според лекарскиот синдикат, досега загинале речиси 100 лица, а над 1.000 се повредени.
Централниот комитет на суданските лекари извести дека се убиени 97 цивили и десетици припадници на безбедносните сили. Светската здравствена организација (СЗО) наведува дека досега во конфликтот загинале повеќе од 83 лица, а околу 1.100 се повредени.
Уплашени сме, 24 часа не сме спиеле поради буката и потресите на куќата. Загрижени сме дека ќе останеме без вода и храна, како и лекови за татко ми дијабетичар“, вели Худа, жител од Картум, за Ројтерс.
Од саботата, воздушните напади, артилерискиот оган, уличните борби со автоматско оружје и тешките митралези не им даваат мир на жителите на Картум, кои се без вода и струја. Борбите се најжестоки во главниот град и во Дарфур, на запад.
Светската програма за храна на ОН (ВФП) ја суспендираше помошта за Судан откако тројца нејзини вработени беа убиени во борбите во Дарфур. Генералниот секретар на ОН Антонио Гутереш повика одговорните „што поскоро да бидат изведени пред лицето на правдата“. Очевидци пријавија и артилериски оган во Касала, на истокот на земјата.
Конфликтот тлее со недели и спречува какво било политичко решение во таа земја, една од најсиромашните во светот. По народниот бунт во кој е соборен Омар ал Башир во 2019 година, Судан се обидува да ги организира првите слободни избори по 30 години диктатура.
Во државниот удар со кој во октомври 2021 година се заврши демократската транзиција, генералот Бурхан и генералот Дагло, познат како „Хемедти“, ги здружија силите за да ги соборат цивилите од власт. Но, во саботата, нивното ривалство се претвори во отворен конфликт. Меѓународната заедница постојано повикува на прекин на огнот. Арапската лига и Африканската унија свикаа вонреден состанок.
Поранешниот цивилен премиер Абдала Хамдок, кој беше уапсен од генерал Бурхан во државниот удар во октомври 2021 година, ги повика Обединетите Арапски Емирати да „спречат какво било надворешно мешање“ во Судан, кој, како што истакна, веќе е зафатен од политичка и економска криза.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.