Во Средоземното Море во изминатиов период се одвива многу чувствителен американско-руски маневар, пишува италијанскиот весник „Ил Џорнале“.

Од една страна, руската морнарица се обидува да изврши притисок врз бродовите на НАТО да ги концентрираат кон Јонското Море, а од друга страна, САД продолжуваат да испраќаат бомбардери Б-52 над Европа за да ја следат ситуацијата одозгора.

Најновата сателитска снимка покажува што се случува во близина на италијанските води на Јонското Море, кај брегот на Калабрија:

„Играта“ што ја играат американскиот носач на авиони „Труман“ и рускиот разурнувач „Кулаков“ изгледа како партија шах: едниот го чека потегот на другиот – пишува весникот.

Носачот на авиони „Труман“ е предводник на НАТО флотата во Медитеранот, а друг италијански весник „Република“ пишува дека бродот носи ловци-бомбардери „Ф-18 Хорнет“ кои „вежбаат“ за евентуално да им пружат помош на земјите околу Црното и Балтичкото Море, кои се поблиску до војната во Украина.

Рускиот разурнувач „Кулаков“, пак, е брод од советската ера, кој беше целосно модернизиран во 2010 година. Експертите велат дека е опремен и со крстосувачки ракети „Калибар“, истото оружје со кое Русите ја гаѓаат територијата на Украина.

Бродот е во движење заедно со големиот руски крстосувач „Варјаг“ кој може истовремено да погоди повеќе цели и затоа го нарекуваат „убиец на носачи на авиони“.

„Варјаг“ е трет по големина крстосувач од класата „Глори“, со наведувани ракети, изграден за советската морнарица, а сега и служи на руската морнарица.

Бродот се наоѓа во близина на италијанските води од февруари, како дел од досега невидена концентрацијата на силите на руската морнарица: крстосувачи, борбени авиони, фрегати и подморници, од кои едната веројатно е на нуклеарен погон. Сите бродови се опремени и со руски крстосувачки ракети „Калибар“.

Ваквата концентрација на руски бродови во Средоземното Море е последица на намерата на Москва да го контролира движењето на НАТО, како и да се интервенира за да го спречат влегувањето на непријателските бродови во Црното Море.

Американскиот носач „Труман“, осмиот во американската морнарица од класата „Нимиц“, како обезбедување чека бомбардери „Б-52“ кои го надлетуваат подрачјето каде што се наоѓаат руските екипажи.

Во сегашната ситуација, руските „Варјаг“ и „Кулаков“ го следат „Труман“ во Јонското Море. Но, за Москва тоа маневрирање не е лесно бидејќи долгиот престој на море и создава проблеми на нејзината флота, која не успева да стигне до Крим за снабдување, бидејќи Турција го спречува минувањето на воените бродови низ Босфор.

Се чини дека и Пентагон ги преиспитува своите приоритети: „Труман“ бил изненаден од украинската криза бидејќи пред нејзиниот почеток бил на мисија во водите на Персискиот залив, а му било наредено да застане и подоцна да отплови кон Медитеранот, каде му се придружија неколку крстосувачи.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.