Неколку припадници на грчката армија, дел од хуманитарната помош што денеска пристигна во Либија, се повредени во сообраќајна несреќа на пат кон градот Дерна, кога автобусот со медицинскиот персонал се судрил со возило кое се движело во спротивна насока, соопштија од Генералштабот на националната одбрана на Грција, јави дописничката на МИА од Атина.

Несреќата се случила под засега неразјаснети околности, со полесни повреди се здобиле неколкумина, кои се пренесени во болници во областа, а во тек е акција за собирање на персоналот во Бенгази и нивно враќање, додека пак авион Ц-130 со медицински персонал е подготвен за полетување од Атина.

Од Министерството за надворешни работи на Грција соопштија дека по сообраќајната несреќа „во координација со Министерството за национална одбрана, ОН и Европската унија, генералниот конзулат на Грција во Бенгази е во состојба на готовност за обезбедување помош за делегацијата и да помогне во враќањето во Грција“.

Како што претходно објави МИА, Грција денеска испрати хуманитарна помош во Либија, односно медицински и болнички персонал, медицинска и фармацевтска опрема и храна.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.