Четири лица, меѓу кои две деца, се водат како исчезнати од саботата по рекордните поплави предизвикани од обилните врнежи во источната канадска покраина Нова Шкотска.
Двете деца биле во автомобил кој бил потопен, а трите возрасни лица кои биле со нив успеале да се спасат, соопшти портпаролката на Канадската кралска жандармерија (GRC) и додаде дека во тек е потрагата по исчезнатите.
Други две лица исчезнале во слични околности, додаде портпаролката. Двајца патници од истото возило се спасени.
Покраината Нова Шкотска кон крајот на мај беше силно опустошена во шумските пожари од кои настрадаа уште неколку канадски покраини.
Покринскиот премиер Тим Хоустон истакна на прес-конференција дека за неполни 24 часа во покраината наврнале околу 250 милиметри дожд, што е колку во просек наврнуваат за три месеца. Хоустон прогласи вонредна состојба во некои делови од покраината, оценувајќи дека водата ќе се повлече за неколку дена.
Силниот дожд кој врне од петокот го прекина сообраќајот, предизвика поплавување на домови и се закани со напукнување на браната на тамошната акумулација.
Жителите од околината на Виндзор, шеесетина километри северозападно од Халифакс, главниот град на покраината Нова Шкотска, среде ноќта кон саботата добија наредба за евакуирање поради опасност од пробивање на браната. Меѓутоа, во саботата до пладнето по локално време отворени се безбедносните испусни вентили за да се намали притисокот врз браната. Ситуацијата е „под контрола“, изјави градоначалникот на Виндзор, Абрахам Зебиан, а наредбата за евакуација е повлечена.
На снимките кои ги емитуваа канадските телевизии и оние објавени на социјалните мрежи може да се видат сообраќајници под вода, оставени автомобили и патишта кои се претворени во вистински реки.
Канадската метеоролошка служба најави продолжување на дождовите до крајот на денот на истокот од покраината, па така и на островот Кејп Бретон. На жителите на покраината им е упатен апел да останат во домовите, бидејќи многу патни правци се непроодни. Околу 70.00 корисници во текот на претпладнето по локално време останале без струја, а попладнето нивната бројка се намалила на околу 6.000 луѓе.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.