Познатиот пакистански новинар Аршад Шариф е застрелан во Најроби кога полицијата во рација по крадци на автомобили отвори оган врз возилото во кое се наоѓал, соопшти денеска кениската полиција.

Началникот на кениската полиција изјави дека го истражува инцидентот, кој се случил вчера во 22 часот по локално време во предградието на главниот град.

Околностите за смртта на Шариф предизвикаа големо незадоволство во Пакистан и повици за истрага. Шариф долги години работеше како телевизиски водител, а неодамна избега од земјата повикувајќи се на закани по неговиот живот.

Во полицискиот извештај се вели дека роднина на Шариф управувал со автомобилот и дека полицијата поставила блокада на патот, но автомобилот поминал без да застане, дури и откако полицајците отвориле оган.

Пакистанскиот премиер Шехбаз Шариф на Твитер објави дека телефонски разговарал со кенискиот претседател Вилијам Руто за инцидентот.

Смртта на Шариф предизвика реакција од официјални лица, новинари и други на социјалните мрежи во Пакистан. Поранешниот премиер Имран Кан го осуди инцидентот и рече дека Шариф е убиен поради неговата новинарска работа.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.