Во Германија за првпат е откриен новиот клад 1b варијанта на вирусот мпокс, соопшти денеска Институтот Роберт Кох (РКИ), пренесе ДПА.

Првиот случај на кладот 1b варијантата на мпокс надвор од африканскиот континент беше потврден во Шведска во средината на август.

– РКИ во моментов не прогласува зголемен ризик од кладот 1 вируси во Германија, но ја следи ситуацијата многу внимателно и ќе ги приспособи своите препораки доколку е потребно, објави институтот на својата веб-страница.

Симптомите на мпокс вклучуваат типичен осип и често општи симптоми како треска, главоболка и мускулна болка. Фаталните случаи се ретки, особено во земјите со добри стандарди за лекување.

Се смета дека кладот 1b е потежок од кладот 2b и постојат сомневања дека е позаразен. Сепак, експертите за јавно здравје предупредуваат дека во моментов нема доволно веродостојни податоци за варијантата.

Инфекции од другата варијанта на вирусот мпокс, клад 2b, се откриени во многу земји, вклучително и Германија од мај 2022 година.

Според РКИ, во Германија не се регистрирани смртни случаи од мпокс.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.