Повеќе од 30 Палестинци, вклучувајќи и мали деца, се убиени во два израелски воздушни напади врз Појасот Газа во текот на ноќта, соопштија палестинските власти.

На снимка на социјалните медиуми се гледа како спасувачите на цивилната одбрана на Газа пребаруваат низ урнатините на куќите во Градот Газа, користејќи батериски светилки.

На една од нив се гледа и како спасувачите со ќебе носат млада девојка со повреди на лицето и две деца кои најверојатно се мртви.

Најмалку 20 лица загинаа само во нападот врз куќа во населбата Дарај, изјави портпаролот на цивилната одбрана Махмуд Басал.

Во друг напад во близина на јужниот град Рафа, загинале најмалку 13 лица, меѓу кои и две деца.

Министерството за здравство во Газа, соопшти дека во последните 24 часа загинале 135 Палестинци, со што вкупниот број на жртви во војната се зголеми до 23.843. Притоа, министерството соопшти и дека вкупниот број на ранети во војната надмина 60.000.

Израел тврди дека Хамас е одговорен за цивилните жртви, бидејќи неговите борци ги користат цивилните згради и напаѓаат од густо населените урбани области.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.