Мал авион „Цесна“ се урна вечерва во Балтичкото Море, објави „Билд“. Авионот полетал од југот на Шпанија и требало да слета во Келн, Германија.

По полетувањето имало проблем со притисокот во кабината, а комуникацијата со авионот се прекинала кога тој уште бил над Пиринејскиот Полуостров.

Шпански и француски борбени авиони полетале за да дознаат што се случило со „Цесната“, но не успеале да остварат контакт. Според првичните информации, во леталото, освен пилотот, имало и тричлено семејство, односно вкупно четворица патници.

Шведската крајбрежна стража испрати бродови и хеликоптер на местото на несреќата. Според последните информации, тие забележале дамка од гориво во морето и забележале делови од авионот. Се стравува дека во несреќата нема преживеани.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.