Веспрем во Унгарија, Темишвар во Романија и Елевсина во Грција ќе ја делат титулата Европска престолнина на културата во 2023 година. Овие градови ја преземаат ваквата чест од Каунас, Еш и Нови Сад кои во 2022 година го славеа европското културно наследство.

Грција по четврти пат ќе биде домаВакво именување досега имаа Атина во 1985, Солун во 1997 и Патра во 2006 година. Овојпат е Елевсина – родното место на старогрчкиот трагичар Есхил, град кој е спој на античка слава и индустриски развој.

Програмата насловена „Мистерии на транзицијата“ е инспирирана од Елевсинските мистерии – мистични ритуали во антиката што се одржувале во чест на божицата на земјоделството Деметра и нејзината ќерка Персефона, со кои се славело човечкото поврзување со природата и циклусот на животот. Како што е опишано во митот за Персефона, таа слегувала во подземјето и се враќала на земјата секоја година, во вечна транзиција. Повеќе од две илјади години Елевсинските мистерии се одржувале секој септември, славејќи ја промената на годишните времиња, нудејќи визија за вечен живот и триумф над смртта.

Лоциран дваесетина километри западно од Атина, градот Елевсина од 19 век се трансформирал во еден од најголемите индустриски центри во Грција. Фабриките кои повеќе не се во функција станале згради што ќе бидат домаќини на современата индустриска и технолошка историја на градот.

Проектот Европска престолнина на културата 2023 се обидува да ја открие невидливата страна на Елевсина, означувајќи нова ера за градот и неговата транзиција кон нов модел на развој.

Со својот археолошки локалитет, старото пристаниште и голем број напуштени фабрички згради, кои во некои случаи се трансформираат во културни локалитети, Елевсина е град музеј кој покажува динамика и ентузијазам, наведуваат креаторите на програмата.

Еден од најстарите унгарски градови – Веспрем во 2023 година ќе биде Европска престолнина на културата, заедно со регионот на езерото Балатон и планинскиот предел Бакони. Според организаторите, проектот е можност да се прикажат вековните традиции, културната разновидност, гастрономијата и природните убавини на Веспрем, а неговиот епитет „град на кралиците“ да биде дополнет со заштитен знак: „град на културата“.

Тие нагласуваат дека  поддржуваат иновативни инвестиции кои долгорочно ќе ја подобрат туристичката и културната привлечност на Веспрем и регионот, така што процесите и настаните почнати со проектот Европска престолнина на културата да продолжат да функционираат и по 2023 година.

Почетокот на програмската година е најавен за 21 јануари 2023 кога ќе бидат одбележани 200 години од поемата „Химна“ на Ференц Келчеи – текстот на унгарската химна.

Врвот на настанот на отворањето ќе биде Shine Veszprém! – речиси едночасовна продукција која ќе се состои од серија последователни и поврзани танцови изведби, музички настани и визуелни ефекти, а големото шоу, кое се очекува да привлече десетици илјади луѓе, ќе се затвори со ноќен уличен бал. Свеченостите ќе продолжат наредниот ден (22 јануари) кога се одбележува Денот на унгарската култура.

Би сакале да покажеме дека традицијата, историската меморија на едно место, не е нужно носталгија за минатото, туку живо наследство, жива сила на идентитетот во сегашноста. Во текот на годината ќе подготвуваме и голем број големи програми кои ќе го привлечат националното, па дури и европското внимание, истовремено зајакнувајќи ја традицијата на фестивали и настани во Веспрем и регионот, велат организаторите на програмата Веспрем 2023.

Мултиетничкиот Темишвар во Романија, некогашниот мост меѓу Австро-унгарската империја и Југоисточна Европа и од 1880 до 1914 година најважниот индустриски, комерцијален, финансиски и културен град во регионот Банат, ќе се претстави со програма чија цел е да се поттикне граѓанската енергија.

Мотото на програмата е „Shine your light – Light up your city!” и има симболика и во историски контекст – во 1884 година Темишвар бил првиот град во континентална Европа со електрично улично осветлување, во 1989 година, пак, на улиците на овој град се „запалија“ искрите на револуцијата против режимот на Чаушеску.

Светлината одигра голема улога во историјата на Темишвар, и од практична, и од симболична гледна точка. Со текот на времето, докажавме дека можеме да иницираме трансформации во клучни моменти. Нашата цел е да го вратиме капацитетот на граѓаните да иницираат промени и да придонесат за ревитализирана Европа… Мотото е, всушност, покана за двојна мобилизација: од една страна повик до граѓаните да се осмелат да ги искажат своите вредности и ставови, а од друга – со оваа светлина да ја отстранат темнината и пасивноста околу нив преку граѓански процес поттикнат од културата, најавуваат организаторите на програмата.

Проектот „Европска престолнина на културата“ почна во 1985 година на иницијатива на Мелина Меркури, тогашната министерка за култура на Грција. Градовите се избираат врз основа на културна програма која мора да има силна европска димензија, да го промовира учеството и активното вклучување на жителите на градот, заедниците и различни засегнати страни за да придонесе за долгорочен развој на градот и околниот регион.

Целта на иницијативата е да ги заштити и промовира разновидноста на културите во Европа, да го прошири пристапот и учеството во културата, да ги зајакне капацитетите на културниот сектор и да го подигне меѓународниот профил на градовите преку културата. Титулата е и можност за градовите да го сменат својот имиџ, да се стават на светската мапа и преку културата да промовираат одржлив туризам.

Според листата на Европската комисија, во 2024 година титулата Европска престолнина на културата ќе ја делат градовите Бад Ишл во Австија, Тарту во Естонија и Бодо во Норвешка. Во 2025 година градови на европската култура ќе бидат Кемниц во Германија и Нова Горица во Словенија.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.