Британската Влада ќе распише избори во Северна Ирска за излез од политичкиот ќорсокак поради кој регионот би можел да дојде под непосредна управа од Лондон.

„Ќе има избори“, изјави за „Би-Би-Си“ британската министерка за животна средина, Тереза ​​Кофи.

Северна Ирска остана без функционална влада во февруари кога пробританската Демократска унионистичка партија го напушти кабинетот во знак на протест поради трговскиот договор по Брегзит.

Изборите во мај на кои „Шин Фејн” за првпат освои повеќе места, не го решија проблемот и британската Влада соопшти дека е законски обврзана да распише нови избори по истекот на рокот од 24 недели, како што и направи вчера.

Британскиот министер за Северна Ирска, Крис Хитон-Харис, се уште не одредил датум за изборите, но медиумите во Северна Ирска сметаат дека најверојатно тие ќе се одржат на 15 декември.

Закажувањето избори значи дека привремените министри ја губат својата моќ и покраината ефективно ќе биде управувана од државни службеници. Доколку не биде изнајден излез од ќор-сокакот, веројатно е дека се повеќе одлуки ќе се носат во Лондон, што ќе создаде услови за отворање спорови со ирските националисти и ирската влада, кои се против таква практика



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.