Ватикан денеска ја потврди забраната според која, католиците не смеат да станат масони, односно членови на вековното тајно друштво на кое Католичката црква долго време не гледа благонаклонето и кое има до шест милиони членови ширум светот.

„Активното членство на верниците во масонството е забрането поради непомирливоста на католичката доктрина и масонството“, се вели во писмото на Конгрегацијата за доктрина на верата на Ватикан, објавено денеска од ватиканските медиуми.

Писмото, кое датира од 13 ноември и потпишано од папата Франциск, е одговор на филипинскиот бискуп, кој е вознемирен од растот на масоните во неговата земја.

Конгрегацијата минатата недела објави дека трансродовите луѓе можат да бидат крстени, да бидат кумови или сведоци на католичките венчавки.

Во писмото за масоните се споменува декларација од 1983 година, потпишана од покојниот папа Бенедикт XVI, тогаш префект на Конгрегацијата за доктрина на верата, според која, католиците „во масонските здруженија се во тежок грев и не можат да примат света причест“.

Масонските ложи се главно исклучиво машки асоцијации, поврзани со таинствени симболи и ритуали. Исто така, понекогаш тие се поврзуваат и со теории на заговор, според кои, овие братства во голема мера влијаат на светските настани.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.