Канцеларијата за доктрина на верата на Ватикан денеска ја објави декларацијата „Дигнитас инфинита“ во која ја отфрла промената на полот, сурогат родителството и теоријата на родот.

Во декларацијата се наведува дека „секоја интервенција за промена на полот, по правило, ризикува да го загрози уникатното достоинство што едно лице го добило од моментот на зачнувањето“.

За теоријата на родот, според која родот е покомплициран и понестабилен од традиционалната поделба на две категории мажи и жени, Ватикан оцени дека „желбата за лично самоопределување, според теоријата на родот, покрај основната вистина дека човечкиот живот е дар, претставува потклекнување на древното искушение да се прави себеси како Бог, влегувајќи во конкуренција со единствениот вистински Бог на љубовта што ни е откриен во Евангелието“.

Според декларацијата, сурогат родителството е нарушување на достоинството и на мајката и на детето. Папата Франциско ја потврди оваа декларација по неговото барање таа да вклучува „сиромаштија, ситуацијата со мигрантите, насилството врз жените, трговијата со луѓе, војната и други теми“, рече шефот на канцеларијата, кардиналот Виктор Мануел Фернандез.

Во декларацијата, фактот дека „на некои места значителен број луѓе се затворани, мачени, па дури и лишени од животот само поради нивната сексуална ориентација“ се оценува како спротивно на човечкото достоинство. Беа осудени и абортусот, евтаназијата и смртната казна, а се додаде дека сексуалната злоупотреба, како закана за човечкото достоинство, е „широко распространета во општеството“, како и во Католичката црква.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.