Рускиот претседател Владимир Путин денеска од рускиот Парламент побара официјална дозвола за употреба на воена сила надвор од границите на земјата, пишува „Вашингтон пост“.

Писмото на Путин до Горниот дом на парламентот го формализира руското воено распоредување во бунтовничките региони во источна Украина, само еден ден откако рускиот претседател ја призна нивната независност.

Ова писмено барање, исто така, може да ја најави и намерата на Путин да изврши поширок напад врз Украина.

Западните лидери претходно изјавија дека руските сили се преселени на истокот од земјата, а САД тоа го нарекоа инвазија.

Се очекува пратениците на денешната седница експресно да го прифатат барањето на претседателот.

Претходно Путин денеска потпиша договори за пријателство со двата бунтовнички региони, кои предвидуваат распоредување на руска армија во нив. Би-Би-Си пренесува дека овој потег може да ја отвори вратата за инвазија на Украина.

Шефот на руската дипломатија, Сергеј Лавров, претходно денеска изјави дека Русија засега нема да испраќа војници во источна Украина.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.