Израел го бомбардираше центарот на Бејрут во раните утрински часови, при што загинаа најмалку шест лица, откако неговите сили го претрпеа најсмртоносниот ден на либанскиот фронт во една година борби против Хезболах.
Израел соопшти дека извршил прецизен воздушен напад врз Бејрут. Очевидци на Ројтерс објавија дека слушнале огромна експлозија, а извор од безбедносните сили рече дека цел била зграда во населбата Бачура во центарот на Бејрут, во близина на парламентот.
Три проектили го погодија и јужното предградие Дахије, каде минатата недела беше убиен лидерот на Хезболах Хасан Насрала. Јужните предградија во средата беа под повеќе од десетина израелски напади. Еден ден откако Иран истрела повеќе од 180 проектили врз земјата, Израел соопшти дека осум војници биле убиени во копнена битка во јужен Либан додека неговите сили напредувале на територијата на северниот сосед.
Привремениот премиер Наџиб Микати рече дека околу 1,2 милиони Либанци биле раселени поради израелските напади.
Илјадници луѓе бегаат од Либан додека Израел ги извршува своите најтешки воздушни напади од 2006 година, кога Хезболах и израелската армија водеа разорна војна. Синоќа авиони со либански државјани кои бегаат од израелските воздушни напади пристигнаа на Кипар откако израелската армија започна копнена операција во јужен Либан против Хезболах.
„Тоа беше ужасна ситуација, навистина ужасна ситуација“, изјави Либанецот Али Абдул Хасан за новинската агенција Ројтерс по пристигнувањето во главниот град Ларнака доцна синоќа.
49-годишникот рече дека побегнал од Бејрут откако воздушен напад го погодил неговото соседство во близина на главниот град, сериозно оштетувајќи ја неговата куќа. Тој рече дека во погодената зграда биле сместени либански семејства кои веќе побегнале од јужен Либан.
Стотици илјади луѓе се раселени во земјата во последните недели поради последниот конфликт, вклучително и повеќе од 100.000 луѓе, главно Либанци и Сиријци, кои побегнаа преку границата во Сирија, според Обединетите нации.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.