Претераното користење на смартфони е поврзано со намален успех на учениците, а долгото време поминато на паметните уреди има негативен ефект на емотивната стабилност на децата

Во училиштата треба да бидат забранети смартфоните, зашто ги попречуваат децата да учат, а и ги изложува на насилства, препорачува УНЕСКО.

Повикот за глобална забрана за смартфони во училиштата, Агенцијата на Обединетите нации за образование, наука и култура ја поткрепува со научни докази дека претераното користење смартфони е поврзано со намален успех на учениците, а долгото време поминато на паметните уреди има негативен ефект на емотивната стабилност на децата.

Повикот за забрана на смартфони во училиштата воедно е јасна порака дека дигиталната технологија во целост, вклучувајќи ја и вештачката интелигенција, секогаш треба да биде во втор план, зад хуманоцентричната образовна визија, и никогаш не треба да ја замени интеракцијата лице в лице со наставниците – наведува УНЕСКО.

Агенцијата на ОН предупредува на непромислено прифаќање на дигиталната технологија.

Забележувајќи дека ограничувањата воведени поради пандемијата на ковид-19 продонесле за посетување настава од далечина, УНЕСКО ги повикува надлежните институции да не ја игнорираат социјалната димензија на образованието, кога предавачот директно го изложува материјалот, а учениците и студентите непосредно комуницираат.

Во извештајот им се препорачува на земјите да дефинираат јасни цели и принципи за да се обезбеди полза од дигиталната технологија во образованието и воедно да се избегнат повреди, и на здравјето на учениците и пошироко на демократијата и на човековите права – преку нарушување на приватноста, следење и ширење омраза.

УНЕСКО прифаќа дека новите технологии отвораат можности за образование на милиони деца, но и дека ползата е нерамномерно распределена, бидејќи многу сиромашни средини не можат да си дозволат скапа дигитална образовна инфраструктура. За време на пандемијата, кога 1 милијарда ученици и студенти се префрлија на настава на дигитални платформи, стотици милиони ученици без пристап до интернет биле целосно изолирани од процесот.

Агенцијата оспорува многу неодамнешни истражувања за ползата од дигитализацијата во образованието, наведувајќи дека студиите биле финансирани од приватни компании што настојуваат да продадат производи за дигитално образование.

Како чекор во позитивна насока се истакнува примерот на Кина, која постави ограничувања за користењето дигитални уреди при наставниот процес, ограничувајќи ги на 30 отсто од времето на наставата, со задолжителни периодични одмори, за да не поминат предолго време децата пред мониторите.

Врз основа на анализи на 200 образовни системи, УНЕСКО проценува дека секоја шеста земја забранува смартфони во училиштата, со закони или препораки. Франција ја воведе забраната во 2018 година, а Холандија ја најави од 2024 година.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.