Организацијата на Обединетите нации за образование, наука и култура (УНЕСКО) препорача Венеција да биде додадена на листата на загрозено светско наследство, јавува Си-Ен-Ен.

УНЕСКО ја повика италијанската влада да „обезбеди најголема посветеност“ за решавање на „долгогодишните проблеми“ во Венеција, која со години се бори со прекумерниот број туристи и последиците од климатските промени.

Венеција е едно од 1.157 места кои во моментов се прогласени за светско наследство, а кои имаат „извонредна универзална вредност“ поради нивната културна или природна понуда.

Препораката за ставање на Венеција на листата на загрозено светско наследство ја дадоа УНЕСКО и експертите на советодавното тело во нивната привремена агенда пред 45. седница на Комитетот за светско наследство, што во септември треба да се одржи во Ријад.

Во нацрт-резолуцијата се тврди дека нема „значителен напредок во решавањето на постојаните и сложени прашања поврзани особено со масовниот туризам, развојните проекти и климатските промени“ во Венеција.

Се додава дека овие проблеми предизвикуваат „влошување и оштетување на градежните објекти и урбаните средини, деградација на културниот и социјалниот идентитет и загрозување на интегритетот на неговите културни, еколошки и пејзажни атрибути и вредности“



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.