Украински проектил уништи нов брод на руската морнарица во градот Керч на полуостровот Крим, соопштија синоќа украинските воздухопловни сили.

Генерал-полковник Микола Олешчук на својот канал на Телеграм објави видео од нападот на бродоградилиштето Залиј во Керч, на крајниот исток на полуостровот. Од снимката не може да се утврди дали бродот навистина бил погоден.

За нападот објавија и руски медиуми, повикувајќи се на информации добиени од Министерството за одбрана во Москва.

Руските медиуми пренесуваат дека бродоградилиштето било нападнато во саботата вечерта. Од 15 ракети насочени кон таа локација, 13 од нив биле соборени од противвоздушна одбрана, пренесоа медиумите, додавајќи дека руското министерство потврдило оштетување на еден брод.

Бродоградилиштето Залиј е едно од најголемите во Источна Европа. Тоа е под санкции на западните земји.

Олешук тврди дека бродот требало да биде испратен во Црното Море за да истрела крстосувачки ракети на украинска територија.

 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.