Работниците кои копаа низ урнатините на станбена зграда во Мариупол пронајдоа 200 тела, соопштија украинските власти.
Тела во фаза на распаѓање се пронајдени во подрумот на урнатата станбена зграда во Мариупол, разурнат пристанишен град кој стана симбол на страдањето, но и на отпорот, соопштија градските власти.
Мариупол, над кој руските сили неодамна презедоа целосна контрола, е поврзан со некои од најтешките страдања за време на руската војна во Украина. Градот стана и светски симбол на отпорот благодарение на украинските борци во железарницата Азовстал.
Соопштението за откривање на тела во Мариупол беше објавено неколку часа откако украинскиот претседател Володимир Зеленски ја обвини Русија дека води „тотална војна“ во Украина, односно дека се обидува да го максимизира бројот на човечки жртви и да ја уништи инфраструктурата.
Конфликтот започна со очекувања дека Русија може да ја добие војната за само неколку дена или недели, но силниот украински отпор, поддржан од западното оружје и помош, ја принуди да ги намали своите цели.
Кремљ сега е фокусиран на индустрискиот центар Донбас, во источна Украина, каде што руските сили ги интензивираа активностите насочени кон заземање на Северодонецк и соседните градови, единствената област во регионот Луганск што сè уште е под контрола на украинската влада.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.