И покрај препораката за кандидатски статус во ЕУ Украина и Молдавија нема да влезат во претпристапните фондови, јави дописничката на МИА од Брисел.

Ова денес го потврдија високи извори во Европската Комисија, по најавата дека се препорачува Украина и Молдавија да станат официјално земји кандидати за членство во ЕУ.

Нема автоматизам тука, претпристапниот инструмент ИПА има регулатива, било која промена мора да биде препорачана од Европската Комисија, а потоа да се преговара со Советот и Парламентот на ЕУ, објаснија експертите во Европската Комисија.

За сега Украина и Молдавија ќе продолжат да добиваат средства од инструментот за земјите од соседството на ЕУ, а со тек на време се планира воведување на специфичен инструмент за реконструкција на Украина, кој нема да биде врзан ниту за претпристапните фондови за проширување, ИПА, ниту за инструментот за соседството на ЕУ.

Ова не е нешто за што треба сега да бидеме загрижени , сметаат во Комисијата.

Претпристапните фондови ИПА 3 изнесуваат 14 милијарди евра за сите земји вклучени во политиката на проширување, Западниот Балкан и Турција.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.