Украина доби над 2,2 милијарди евра од Меѓународниот монетарен фонд (ММФ), изјави денеска украинскиот премиер Денис Шмихал.
Тој додаде дека траншата е дел од тековната кредитна програма од околу 15 милијарди евра и ќе се користи за финансирање на виталните владини плаќања како што се трошоците за социјална помош и платите на државните службеници, вклучително и лекарите и наставниците.
Од инвазијата на Русија врз Украина во февруари 2022 година, Киев доби повеќе од 80 милијарди евра помош од странски партнери за владините трошоци.
Британскиот магазин „Економист“ објави дека Украина во август може да се соочи со евентуален банкрот, кога се очекува голем број приватни кредитори да побараат исплатата на долговите, кои беа суспендирани на почетокот на војната.
Украинската Влада соопшти дека не е во можност да почне со отплата на заемите и дека се обидува да ги замрзне идните плаќања или да го реструктурира долгот. Меѓународните сојузници на Киев веќе ги замрзнаа отплатите на државните заеми најмалку до 2027 година.
Според пресметките на „Економист“ се очекува долгот на Украина да се искачи на околу 94 отсто од бруто домашниот производ (БДП) до крајот на годината.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.