Норвешка ќе ги укине поголемиот дел од преостанатите мерки воведени поради ширењето на Ковид 19. Одлуката ја соопшти премиерот Јонас Гар Сторе, со образложение дека е малку веројатно оти зголемувањето на бројот на позитивни случаи на корона вирус ќе го загрози здравствениот систем.
Норвешка влезе во делумно затворање во декември поради борбата против варијантата омикрон која брзо се шири, но од Владата соопштија дека повеќето од овие мерки повеќе не се потребни.
Дури и ако многу повеќе луѓе се заразат, помалку се хоспитализирани. Добро сме заштитени со вакцини. Тоа значи дека можеме да ублажиме многу мерки дури и кога стапката на инфекција брзо расте – изјави Сторе.
Рестораните повторно ќе смеат да служат алкохол по 23 часот, работата од дома веќе нема да биде задолжителна, а сегашната граница од 10 посетители во приватните домови ќе биде укината.
Сепак, и понатаму ќе се инсистира на основните мерки за физичко растојание, кои опфаќаат растојание од најмалку еден метар при контакт и носење маска во затворен простор – соопштија од Владата.
Најавата на норвешката Влада уследи по сличните одлуки на соседна Данска и други европски земји, вклучително и Велика Британија, Ирска и Холандија, кои ги олеснија или укинаа мерките во последните недели во обид да се вратат на нормално функционирање.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.