Полицијата приведе пет мажи во Везел во западна Германија поврзани со можни терористички напади на катедралата во Келн.

По претресот на објект во Везел на Бадник, полицијата приведе пет лица, а по распитот едно лице е задржано во притвор до 7 јануари“, соопшти полицијата.

Како што беше дополнително соопштено, во притвор е 30-годишен маж од Таџикистан, за кого властите „имаат сознанија поврзани со закана по државната безбедност“.

„Полицијата ги користи сите законски средства за да ги заштити граѓаните, катедралата и претстојната новогодишна прослава“, изјави директорот на градската криминалистичка полиција во Келн, Михаел Есер по апсењата во Везел. Во саботата вечерта, по дојава за можен бомбашки напад, полицијата со кучиња ја пребарала катедралата во Келн, но во таа прилика не бил пронајден експлозив.

Според германските медиуми, има информации од тајните служби дека авганистанскиот огранок на Исламската држава подготвува напади во Европа за време на божиќните и новогодишните празници. Полицијата во Келн во вторник одлучи да ја задржи безбедносната мерка затворање на Келнската катедрала за сите посетители, со исклучок на учесниците на литургиските служби.

 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.