Полицијата на американската сојузна држава Њу Мексико објави во вторникот дека притворила осомничен за убиствата на четворица муслимани во Албакерки во последните девет месеци.

Началникот на полицијата на Албакерки, најголемиот град во оваа сојузна држава, Харолд Медина, објави на Twitter дека полицијата во рамките на истрагата следела едно возило.

Возачот е притворен и е нашиот главен осомничен за убиствата, објави началникот Медина.

Во Албакерки, кој има околу 556.000 жители, живеат околу 5.000 муслимани. Властите по последното четврто убиство на муслиман минатиот петок, се подготвуваат да воведат засилено полициско обезбедување во џамиите во текот на молитвите.

Првото убиство се случило во ноември минатата година. Другите тројца се убиени во последните два месеца од кои двајца последните две седмици, најверојатно поради нивната религија, според сомневањата на полицијата.

Двајца од убиените посетувале иста џамија. Убиени се кон крајот на јуни и на почетокот од август. Полицијата смета дека нивните убиства се поврзани со убиството на авганистански доселеник ланскиот ноември. Убиените се по потекло Пакистанци и Авганистанци.

Убиствата ја шокираа локалната муслиманска заедница, а во неделата ги осуди и американскиот претседател Џо Бајден. Полицијата уште претходно соопшти дека убиствата ги смета за насочени напади врз муслиманската заедница.

 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.