Полскиот премиер, Доналд Туск, изјави дека Полска мора да се приклучи на странските системи за противвоздушна одбрана, вклучувајќи го и проектот „Европски небесен штит“ на Германија, Велика Британија и Данска, кој ќе и помогне на Полска, со системите што ги добива од САД или ги развива сама, да го заштити небото со „железна купола“ каква што има Израел.

Полска мора да биде дел од неколку системи кои би направиле железна купола на полското небо. Ќе соработуваме во рамките на иницијативата ‘Европски небесен штит’. Не ми пречи што главните иницијатори се Германците. Овде се и израелски компоненти. Ќе соработуваме со Британците, ќе го развиваме системот Пилица-Нарев-Висла. Се разбира, соработката со САД останува клучна“, изјави Туск по владина седница.

Дел од седницата се одржа зад затворени врати, а присуствуваа началникот на Генералштабот на полската армија, генерал Вјеслав Кукула и шефот на Бирото за национална безбедност, Јацек Шевјера, поради зголемените тензии и заканата од проширување на конфликтот на Блискиот Исток, каде што во Либан и Ирак во мировни мисии се и полски војници.

Ги прашав генералите и Шевјера како ја оценуваат одлуката да се приклучат на „Европскиот небесен штит“ и ми одговорија дека е штета што тоа не е направено порано и дека дефинитивно треба да се направи ако тоа биде додаток на нашиот воздушен одбранбен систем, а не алтернатива за нив“, изјави Туск.

Тој предупреди дека благодарение на „железната купола“ и другите системи со неа, Израел успеал да собори над 90 отсто од ракетите од Иран, додека, на пример, Украина во слични големи напади од Русија успеала да собори само 30 отсто од проектилите и беспилотните летала.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.