Германскиот вицеканцелар, шеф на „супер-министерството“ за економија и животна средина, Роберт Хабек, се соочува со проблеми за кои не ни сонувал. Лидерот на германските Зелени беше принуден да се залага за повторно палење на термоцентралите и топланите на јаглен поради гасната криза и да преговара со други режими познати по задушувањето на човековите права поради руската агресија врз Украина.
Во долгото интервју за германски „Дер Шпигел“, Хабек објаснува дека целта на рускиот претседател Владимир Путин е да ги искористи високите цени на бензинот за да предизвика поделби во западното општество, дека сака да ја растури Германија, но дека Германија ќе го издржи тоа.
Мислам дека повеќето луѓе имаат идеја за тоа што е овде во прашање. Гледам голема решеност да не му се дозволи на Путин да излезе неказнето од оваа војна, дури и ако тоа ја има таа цена. Нашиот сегашен придонес е насочен кон гарантирање дека мирот и владеењето на правото ќе бидат возможни во иднина – изјави Хабек, пренесува „Јутарњи.хр“.
Тој нагласува дека е свесен дека жртвите што ќе треба да ги направат луѓето не се мали, а товарот не е рамномерно распределен.
Оние кои заработуваат многу можат да се носат со високите цени. Но, познавам и многу луѓе на кои парите не им траат до крајот на месецот. Има и такви кои минатата зима не можеа ни да ги загреат сите соби во станот. Мора да бидеме искрени: сè уште не е готово. Повеќе луѓе ќе ги почувствуваат последиците – вели Хабек.
Тој објаснува дека ако нема доволно гас, ќе мора да се донесат тешки одлуки.
Нема да има добри, туку само најмалку лоши. Тоа ќе биде катастрофа за некои индустрии. Зборуваме за луѓе кои ќе останат без работа, региони кои ќе изгубат цели индустриски комплекси – вели министерот.
Во интервјуто, Хабек зборува и за мерките кои што ќе треба да се преземат со цел штедење на гас и струја во зимата што доаѓа. Па така, прашан од новинарот на „Дер Шпигел, колку време поминува под туш, Хабек одговора:
Мојот колега од Холандија неодамна гордо ми кажа дека покренале кампања со цел да го намалат просечното време на туширање од десет минути на пет. Морав да се насмеам. Никогаш во животот не сум се туширал пет минути – вели Хабек.
Тој вели дека не сака да го вклучува клима уредот во лето, а во зима слабо се грее.
Новинарот го прашува Хабек дали е свесен дека многу луѓе се чувствуваат како да им се обраќаат од превисоко.
Секако дека има критики. Ги покануваме луѓето да се приклучат на кампањата и не им кажувајте: „Ако не учествувате, вие сте лоша личност!“ Предлагаме начини да заштедите енергија под туширање, но не мора да бидете совршени – вели Хабек.
Тој им порачува на граѓаните дека носењето дебели чорапи и топли џемпери во зима е секогаш добра идеја, а во лето е паметно да се врши хидраулично балансирање на системот за греење со што може да се заштеди и до 15% од енергијата и трошоците во зима.
Со намалувањето на температурата на греењето за само еден степен во текот на зимата се заштедуваат уште 6 отсто. Со 41 милион домаќинства, овој мал чекор е исклучително значаен. А, видовме колку луѓето можат да покажат солидарност. Ми кажаа дека на една улица станарите бараат да свети секоја втора улична светилка. Таму живеат постари луѓе кои имаат поголема потреба од безбедност, но сепак велат: не ни треба – вели Хабек во интервјуто.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.