Јавноста и надлежните лица во Венеција се шокирани откако туристи неодговорно сурфале по водните канали на градот, вандализирале имоти и позирале полуголи.

Сурферите биле снимени додека сурфаат на електрични даски „е-Фоилс“ (eFoils), на венецискиот Голем Канал, кој, не само што е под заштита на УНЕСКО заедно со околните зданија, туку е и главна „сообраќајница“ на Венеција.

Видеото од сурфањето на Твитер го објави градоначалникот на Венеција, Луиџи Бруњаро, кој напиша дека „двајцата препотентни идиоти го исмевале градот“. Бруњаро, исто така, понуди бесплатна вечера за секој кој помага да се идентификуваат сурферите.

На видеоснимката се гледа како сурферите ги избегнуваат „вапорето“ водните автобуси и такси под мостот Ријалто, а потоа минуваат и крај базиликата Салуто, една од најпознатите градби во Венеција. Кога минале под мостот Академија, еден сурфер паднал од даската, но продолжил да го снима својот пријател.

Венеција не е единственото место во Италија каде што туристите се однесуваат недозволиво ова лето. Претходно, луѓе со автомобил се спуштале по Шпанските скали во Рим, а други се возеле со скутер низ Помпеја.

Кусо по првата објава, градоначалникот повторно се огласи и потврди дека сурферите се најдени, оти им биле одземени даските вредни околу 25.000 евра, а двајцата се казнети и со по 1.500 евра. Тие потоа биле протерани од градот.

Градските власти покренаа постапка против сурферите и поради напад кон угледот на Венеција.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.