На светските берзи цените на нафтата пораснаа минатата седмица, но во целата прва половина од годинава паднаа за околу 12 отсто, бидејќи централните банки продолжуваат да ги зголемуваат каматните стапки поради високата инфлација, што ќе го забави растот на економиите.

Цената на барелот на лондонскиот пазар минатата седмица се зголеми за 1,4 отсто, на 74,90 долари, додека на американскиот пазар цената на барелот порасна за 2,1 отсто, на 70,64 долари.

Сепак, ова само го ублажи падот на квартално и полугодишно ниво. Во првите шест месеци од годинава цената на барелот на лондонскиот пазар падна за 12,8 отсто, а на американскиот пазар за 12 отсто.

Тоа е последица на забавувањето на растот на економиите на западните земји, бидејќи поради високата инфлација централните банки повеќе од една година ги зголемуваат каматните стапки.

И како што се забавува економскиот раст, се забавува и растот на побарувачката.

Покрај тоа, кинеската економија, најголемиот увозник на нафта во светот, не се опоравува од кризата со коронавирусот толку брзо како што се очекуваше по укинувањето на рестриктивните мерки за ковид-19.

За поддршка на цените, Саудиска Арабија објави дека во јули ќе го намали производството за уште милион барели дневно. Дополнително, Организацијата на земјите извознички на нафта (OPEC) и нејзините сојузници незавсни големи извозници предводени од Русија (OPEC+) го продолжија договорот за намалено производство до крајот на годината.

Но, монетарните власти на западните земји, од американската централна банка Federal Reserve (Fed) до Европската централна банка (ECB), најавуваат натамошни зголемувања на каматните стапки за да се ограничи инфлацијата, што дополнително ќе го забави економскиот раст.

„И покрај новите најави за намалување на понудата од OPEC+ и Саудиска Арабија, цените на нафтата останаа под 80 долари за барел бидејќи макроекономските проблеми во моментов се поважни за трговците отколку основните показатели за понудата и побарувачката“, објаснуваат аналитичарите на HSBC во нивниот преглед на состојбата на пазарот. .

Сметаме дека така ќе биде и во текот на дел од летото, иако прогнозата за голем дефицит во втората половина од годината, од околу 2,3 милиони барели, треба да даде одреден поттик на цените“, додаваат оттаму.

Според анкетата на Reuters во која учествуваа 37 економисти и аналитичари, цените оваа година веројатно нема да пораснат, со оглед на проблемите во светската економија.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.