Целта на Самитот е да и обезбедиме поддршка на Украина и да и овозможиме да купува опрема за да се одбрани и да исплаќа плати, па затоа е многу важно да постигнеме договор на сите 27 земји членки и убеден сум дека ќе успееме во тоа, изјави белгискиот премиер и актуелен претседавач со ЕУ, Александер Де Кро пред денешниот специјален Европски совет на кој главна тема е среднорочната ревизија на Повеќегодишната финансиска рамка на Унијата за периодот 2021-2027 година, која, меѓу другото, вклучува и обезбедување средства за поддршка за Украина.

– Треба да покажеме европско единство, да продолжиме со поддршката на Украина и да обезбедиме финансирање што го заслужува украинскиот народ, изјави Де Кро, додавајќи дека ревизијата на Рамката не ја опфаќа само помошта за Киев, туку и средства за поддршка на земјите партнери, за справување со миграцијата и со елементарни непогоди, како и за Европскиот одбранбен фонд.

Ревизијата на долгорочниот буџет на Унијата за периодот 2021-2027 беше тема и на Самитот на ЕУ на 14 и 15 декември минатата година, но европските лидери не постигнаа консензус за нејзино усвојување поради противењето на Унгарија.

Де Кро изрази надеж дека договор за ревизијата сепак ќе биде постигнат на денешниот Совет без разлика дали сите лидери „ќе бидат во просторијата или не“, алудирајќи на декемврискиот Самит, кога унгарскиот премиер Виктор Орбан замина „да пие кафе“, додека неговите колеги решаваа за старт на преговорите на Украина за членство во ЕУ, со што тој не ја блокираше одлуката и покрај претходно искажаното противење.

– Нема друго решение, мора да има консензус на сите 27 членки, додаде Де Кро.

Според него, друга важно прашање за кое ќе стане збор се и протестите на земјоделците ширум Европа и нивната оправдана загриженост.

– Мора да обезбедиме дека земјоделците ќе добијат праведна цена за производите со висок квалитет што ги нудат и дека нема да се соочуваат со административни пречки, изјави Де Кро, поздравувајќи ја вчерашната одлука на Европската комисија за одредени отстапки од правилата на Заедничката земјоделска политика.

Инаку, денеска во Брисел паралелно со специјалниот Самит на ЕУ се одржуваат протести на земјоделците со блокади во повеќе делови во градот



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.