Три лица се ранети во израелски напади врз регионот Балбек, во источен Либан, поради што шиитската организација Хезболах одговори со истрелување повеќе од 60 ракети.
Француските медиуми јавуваат дека израелските авиони истрелале пет ракети врз двокатна станбена зграда во Ал-Осеира, на периферијата на Балбек.
Додаваат дека цел на нападите бил центар на Хезболах, што бил напуштен, а ранети биле станари од околните згради.
Израелската армија го потврди нападот со воени авиони на „локалитет за производство на оружје“ во областа Балбек.
Од Хезболах објавија дека како одговор на нападот во Балбек, еден час подоцна, истрелал повеќе од 60 ракети од типот „каќуша“, врз две израелски воени позиции во делот на Голанската висорамнина, што е окупирана од Израел.
Како што се наведува, гаѓана била базата и бараки кои служат како штаб за противвоздушна одбрана, во кои се обучуваат припадници на бригадата „Голан“ по нивното враќање од Појасот Газа.
Израелската армија соопшти дека регистрирала околу 50 истрелани ракети во правец кон Израел, а неколку биле пресретнати и дека биле нападнати местата од кои биле истрелани.
Израел не објави дали има жртви или материјална штета.
Ова е трет пат како израелската армија го напаѓа регионот Балбек во повеќе од пет месеци конфликт со Хезболах.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.