По завршувањето на првата, најавена како историска, дебата меѓу двајцата претседателски кандидати за изборите во САД, актуелниот претседател, демократот, Џо Бајден и неговиот противкандидат, републиканецот, Доналд Трамп, домаќинот на настанот телевизијата Си-Ен-Ен, спроведе анкета која покажа дека подобар настап имал поранешниот американски претседател.

Според Си-Ен-Ен, регистрираните гласачи кои ја гледаа рано утринската дебата меѓу Бајден и Трамп предност му дадоа на противкандидатот Трамп за кого се определија 67 отсто, наспроти  33 отсто за Бајден.

Пред самата дебата, истите гласачи, исто така, очекуваа подобар настап на Трамп, но соодност беше  55 наспроти 45 отсто.

Во долгоочекуваната дебата, и американскиот претседател и неговиот републикански ривал разменија неколку лични навреди но се доби впечаток дека настапот на Бајден на моменти беше колеблив и неизвесен, додека Трамп започна со серија вербални напади.

Двајцата разменија аргументи и критики за абортусот, имиграцијата, војните во Украина и Газа, нивното управување со економијата, па дури го споменаа и своето играње голф.

Како што се развиваше дискусијата, се чинеше дека Бајден почна повеќе да се фокусира на нападот на Трамп, меѓу другото, нарекувајќи го „криминалец“ поради неговото убедување за прикривање тајни плаќања на порно ѕвездата Сторми Даниелс. Бајден упати низа критики против Трамп поради неговите правни проблеми, споредувајќи го моралот на неговиот претходник со „уличарка“ и нарекувајќи го „осуден криминалец“.

Како одговор, Трамп потсети дека синот на Бајден, Хантер, неодамна беше осуден за лажење за употреба на дрога со цел да купи оружје.

Имаше момент каде Бајден обидувајќи се да каже нешто ја заврши реченицата со грешки и неразбирливо, на што и самиот Трамп му префрли:

Не сум сигурен што кажа на крајот, мислам дека и тој не знае.“

За ова сеир имаше и на социјалните мрежи:

Инаку Бајден призна дека инфлацијата била значително повисока отколку на почетокот на неговиот мандат, но исто така тврди дека заслужува признание за нејзиното задржување, особено во контекст на влијанието на пандемијата на коронавирусот.

Трамп тврдеше дека пред пандемијата, економијата на САД била најсилната во историјата и дека по избувнувањето на пандемијата, тој презел чекори за да спречи уште повеќе да се продлабочи економскиот слободен пад.

Бајден го обвини Трамп дека му оставил „страшна“ економија, додека Трамп рече дека справувањето со пандемијата на Бајден е „катастрофа“ и дека „инфлацијата апсолутно нè убива“.

Бајден (81) и Трамп (78) се двајцата најстари кандидати за претседател на Соединетите Американски Држави во историјата, и двајцата влегоа во дебатата со политички ранливости кои претставуваат мешавина од ризик и можности.

Додека националните анкети предвидуваат тесна трка, Трамп води во повеќето клучни држави.

Таборот на Бајден се обиде да биде оптимистичен по дебатата, додека од Белата куќа кажаа дека тој имал настинка, на што се должел неговиот рапав глас. Сепак, слабиот настап на актуелниот претседател ги загрижи демократите и дали тој на 81 години е способен за уште еден четиригодишен мандат.

 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.