Производителот на електрични автомобили „Тесла“ доби наредба да плати речиси 3,2 милиони долари на поранешен вработен Афроамериканец, откако тој ја доби тужбата за расно вознемирување.

Овен Дијаз, оператор со лифтови од 2015 до 2016 година во фабриката во Фремонт, бил подложен на расно непријателско работно опкружување, утврди федералната порота.

Сепак, исплатата беше намалена за 98 отсто од 137 милиони долари што првично му беа доделени во 2021 година. Судијата минатата година пресуди дека првичната сума е превисока.

Во понеделникот на Дијаз му беа доделени три милиони долари за казнена отштета и 175.000 долари за отштета од емоционална вознемиреност.

Да ни беше дозволено да воведеме нови докази, пресудата ќе беше нула. Поротата направи најдобро што можеше со информациите што ги имаше. Ја почитувам одлуката“, објави извршниот директор на „Тесла“, Илон Маск на Твитер.

Маск не даде детали за тоа какви нови докази ќе презентира „Тесла“.

Во првичната тужба, Дијаз тврдеше дека афроамериканските работници „наишле на сцена директно од ерата на Џим Кроу“ во фабриката на компанијата во Фремонт, Калифорнија. Тој тврдеше дека овие работници редовно се соочуваат со расистичка злоупотреба во фабриката и расистички графити во бањите.

Во тужбата, исто така, беше наведено дека афроамериканскиот персонал работел со расистички историски имиња, како што е „плантажата“. Се вели дека еден работник слушал расни навреди „50-100 пати на ден“.

Во 2021 година, федералниот суд во Сан Франциско утврди дека „Тесла“ не презел разумни чекори за да се справи со злоупотребата и покрај жалбите до супервизорите. Поротата му додели на Дијаз отштета од 137 милиони долари. Во тоа време, „Тесла“ ја оспори пресудата, но соопшти дека признава оти „не е совршена“.

Во април 2022 година, американски федерален судија ја намали наградата на Дијаз на 15 милиони долари и рече дека надоместокот за кој поротниците одлучиле е „исклучително висока“.

Бернард Александер, адвокатот на Дијаз, минатата недела изјави дека „погледот на Дијаз за светот е трајно променет, што се случува кога некому му ја одземате безбедноста“.

Александар ги повика поротниците да му доделат отштета на неговиот клиент од речиси 160 милиони долари. Сепак, адвокатот на „Тесла“, тврдеше дека адвокатите на Дијаз не успеале да докажат дека „Тесла“ предизвикала сериозна, долгорочна штета.

Тие само фрлаат бројки на екранот како да е некој вид на игра“, изјави адвокатот на „Тесла“.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.