Еден полицаец загинал, а еден е ранет во напад со нож на полициска патрола што синоќа околу 19:15 се случила во близина на железничката станица во Брисел.
Според локалните медиуми, во нападот интервенирала друга полициска патрола која пукала кон напаѓачот за да го неутрализира. Двајцата нападнати полицајци и осомничениот биле пренесени во болница каде еден од полициските службеници им подлегнал на повредите.
Случајот го истражува Федералното обвинителство задолжено за тероризам бидејќи белгиските власти се сомневаат дека станува збор за терористички напад.
Сомнежите се дека нападот е поврзан со тероризам. Тоа треба да биде потврдено во истрагата – изјавил портпаролот на државниот обвинител Ерик Ван Дјусе за „Си-ен-ен“.
Неколку медиуми објавија дека осомничениот при нападот извикувал „Алаху акбар“ што на арапски значи „Господ е голем“.
Весникот „Ле Соар“ објави дека осомничениот претходно во текот на вчерашниот дел отишол во полициска станица и рекол дека ќе ја нападне полицијата. Оттаму го однеле во болница на психијатриско вештачење, но потоа бил пуштен.
Премиерот на Белгија, Александар Де Кро, му оддаде почит на убиениот полицаец и на целата служба велејќи дека полицијата секојдневно ги ризикува своите животи за да ги заштити граѓаните. Искрено се надевам, наведе премиерот, дека неговиот колега кој е во болница ќе закрепне.
Белгиската министерка за внатрешни работи Анелис Верлинден, пак, на Твитер ја осуди „страшната трагедија“ и „неприфатливото насилство“.
Градоначалникот Филип Клоус, пак, нападот го опиша како „ужасна драма во Брисел“.
Се солидаризираме со полицијата. Полицијата не штити, но и таа мора да биде заштитена. Моите мисли се со семејствата и нивните колеги, наведе градоначалникот.
Во Белгија во последните години се регистрирани неколку напади врз припадници на војската и полицијата, а најголемиот напад беше изведен во 2016 година кога 32 лица беа убиени во напади на џихадистите.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.