Италијанскиот премиер Марио Драги изјави дека требало да стапи во контакт со претседателот на Украина Владимир Зеленски пред час и половина, но дека телефонот на украинскиот лидер бил недостапен, пренесува руски „Спутник“.

Според италијанскиот премиер, тој синоќа учествувал на вонредната седница на Европскиот совет, како и претседателот Зеленски.

„Беше навистина драматичен момент кога стапив во контакт со Зеленски. Беше засолнет во некој дел на Киев. Тој рече дека Украина нема повеќе време, дека тој и неговото семејство се цел на инвазијата на руските сили. Ова многу влијаеше на сите учесници. Ме најде утрово и се договоривме да разговараме во 9.30 часот, но се покажа дека е невозможно, Зеленски повеќе не беше достапен“, рече Драги.

Нешто подоцна беше објавено дека авион полетал од аеродромот Жулјани во Киев, иако небото над Украина било затворено. Во градот се слушаат истрели.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.