Светската здравствена организација соопшти дека ги истражува наводите дека регионалниот директор на организацијата во Азија малтретирал персонал, користел расистички јазик и изнел чувствителни податоци за вакцините во Јапонија.

Во соопштение СЗО наведува дека е „свесна за обвинувањата и дека ги презема сите соодветни чекори за да продолжи да работи на тоа прашање“.

Изјавата на СЗО уследи по извештајот на американски медиуми во кој се цитира интерна жалба од „загрижениот персонал на СЗО“ до повисокото раководство во кое се обвинува Такеши Касаи, регионален директор на СЗО задолжен за Западен Пацифик.

Претходно, Касаи од Манила призна дека е „строг со вработените“, но ги отфрли обвинувањата за расизам и споделување доверливи информации со Јапонија.

Во извештајот се наведува дека авторитарниот стил на Касаи предизвикал заминување на повеќе од 55 клучни функционери во последната година и половина, а повеќето од нив не се заменети.

Касаи е обвинет за давање „расистички и погрдни забелешки кон персоналот од одредени националности“ и за создавање „токсична атмосфера“ со „култура на систематско вознемирување и потсмев на јавноста“.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.