Британскиот премиер Риши Сунак денеска за време на телефонскиот разговор со украинскиот претседател Володимир Зеленски увери дека неговата земја „ќе продолжи во 2024 година силно да ја поддржува Украина во нејзината борба против агресијата и окупацијата“.

Сунак „ги подвлече напорите на државата да обезбеди воена и дипломатска поддршка на Украина, особено преку нови испораки на оружје“, се вели во соопштението на Даунинг стрит.

Тој, исто така, „изрази сочувство до сите Украинци кои беа убиени и повредени за време на руските воздушни напади за време на Божиќ“.

Русија утринава изврши уште еден масовен воздушен напад во Украина, при што загинаа најмалку пет цивили, а беа ранети 119 лица, главно во Киев и Харков, соопштија украинските власти.

Новите руски напади дојдоа како одговор на украинското гранатирање на Белгород во кое загинаа 25 луѓе, меѓу кои и деца.

Според Даунинг стрит, двајцата лидери разговарале и за „последните случувања во конфликтот, особено за настаните во Црното Море и успехот на воздушната одбрана на Украина, засилена со ракети земја-воздух што ги испорачува Велика Британија“.

Лондон во петокот објави дека испраќа околу 200 противвоздушни ракети во Украина за да ја зајакне нејзината одбрана, а истовремено ги повика своите сојузници да ги „удвојат напорите“ во воената поддршка за Киев.

Британската воена помош за Украина досега изнесува 4,6 милијарди фунти (5,3 милијарди евра).



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.