Во Кина денеска се забележани нови рекордно ниски температури во услови на постојан студ во земјата на крајот на годината во која имаше голем број екстремни метеоролошки појави.

Националната метеоролошка служба извести дека рано утринава повеќе од 20 станици во повеќе делови од земјата забележале рекордно ниски температури за декември.

Во градот Хохот, главен град на провинцијата Внатрешна Монголија во северна Кина), на пример, живата падна на минус 29,1 Целзиусови степени.

Властите издадоа предупредување за ниски температури за големи области во северниот, источниот и југоисточниот дел на земјата.

Сегашниот студен бран следи по летото со рекордни жештини и разорни поплави, особено во северна Кина. Експертите предупредуваат дека глобалното затоплување, предизвикано од емисијата на стакленички гасови во атмосферата, доведува до зачестеност на овие екстремни појави.

Националната метеоролошка служба вчера соопшти дека пет станици во земјата регистрирале рекордно ниски температури, на пример во северниот град Датонг, каде е измерена температура од минус 33,2 степени Целзиусови.

Во северозападната провинција Гансу, каде што во понеделникот во земјотресот загинаа повеќе од 130 луѓе, преживеаните ја поминуваат ноќта завиткани во ќебиња во големите шатори обезбедени од спасувачките служби, обидувајќи се да останат на топло додека надвор е студено.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.