Околу 500 демонстранти, повеќето членови на групата „Еврејски глас за мир“, се собраа вчера кај Статуата на слободата во Њујорк, барајќи прекин на огнот во Појасот Газа, каде што во последниот месец, според палестинските здравствени власти, загинаа повеќе од 10.000 луѓе, меѓу кои околу 4.000 деца.

Ова е трет собир организиран од групата во последниве недели, по еден одржан на станицата Гранд Централ на Менхетен и еден пред Капитол Хил во Вашингтон.

Демонстрантите носеа транспаренти на кои пишуваше „Престанете на огнот сега! и „Целиот свет гледа“ и извикуваа „Никогаш повеќе никому, никогаш повеќе не е сега“, што беше еврејскиот крик по холокаустот.

„Исто како и Палестинците, така и многу од нашите предци копнееја да дишат слободно“, објави групата преку социјалната мрежа Икс.

Групата „Еврејски глас за мир“ се противи на политиката на актуелната израелска влада кон Палестинците, сметајќи ја за еден вид апартхејд.

 

 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.