Јенс Столтенберг генералниот секретар на НАТО предупреди дека војната во Украина може да трае со години, повикувајќи ги членките на алијансата да продолжат со испорака на оружје за Киев.
„Мора да бидеме подготвени дека ова може да трае со години“, рече Столтенберг во интервјуто објавено од германскиот весник Билд.
„Нашата поддршка за Украина не смее да ослабне иако цената е висока, не само во однос на воената поддршка туку и поради зголемените цени на енергијата и храната“, додаде генералниот секретар на НАТО.
Оваа цена не е ништо во споредба со она што Украинците секојдневно го плаќаат на фронтот, изјави Столтенберг.
Тој рече дека „ќе мора да се плати уште поголема цена“ доколку рускиот претседател Владимир Путин ги постигне своите цели во Украина, како на пример кога го анектираше Крим во 2014 година.
Столтенберг ги повика земјите од НАТО да продолжат да испорачуваат оружје во Киев.
„Со дополнителното модерно оружје би се зголемиле шансите на Украина да ги одбие трупите на Путин од Донбас“, рече тој.
Тој регион во источна Украина сега е делумно под руска контрола.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.