Русија претставува „директна закана“ за безбедноста на земјите на НАТО кои се собраа на самитот во Мадрид, изјави денеска генералниот секретар на Алијансата Јенс Столтенберг.

На самитот, на кој за првпат од 2010 година треба да се ревидираат насоките на НАТО, ќе ставиме до знаење дека Русија претставува директна закана за нашата безбедност, нагласи Столтенберг.

Лидерите на НАТО на самитот во Мадрид треба да го усвојат новиот Стратешки концепт за следните 10 години, што ќе ги дефинира безбедносните предизвици со кои се соочува Алијансата и ќе ги наведе политичките и воените задачи што НАТО треба да ги изврши за да ги реши.

Во последниот Стратешки концепт усвоен во 2010 година, Русија беше дефинирана како стратешки партнер на НАТО.

Тоа нема да биде случај во стратешкиот концепт за кој ќе се договориме во Мадрид. Очекувам сојузниците јасно да кажат дека Русија претставува директна закана за нашата безбедност, нашите вредности, меѓународниот поредок заснован на правила, изјави претходно Столтенберг.

За него самитот во Мадрид е историски, бидејќи НАТО минува низ „најсериозната безбедносна криза од Втората светска војна“.

Столтенберг нагласи дека очекува наскоро ратификација на шведското и финското членство во воената алијанса.

Ќе донесеме одлука на самитот да ги поканиме Шведска и Финска да станат членки, со брзина невидена досега, изјави тој за новинарите на почетокот на вториот ден од самитот во Мадрид.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.