Францускиот претседател изјави дека Русија има само една цел, а тоа е Украина да се предаде, но дека Москва нема да ја добие војната.

„Русија не може и не смее да победи во војната во Украина, а санкциите ќе траат „колку што е потребно“, рече Макрон на прес-конференцијата по самитот на Г7 во Германија.

Макрон рече дека рускиот напад на украинскиот трговски центар оваа недела е „воено злосторство“ и дека Франција ќе ја поддржува Украина онолку долго колку што е потребно. Властите соопштија дека во вчерашниот напад врз трговски центар во централниот украински град Кременчук загинале 18 лица, а 36 се водат како исчезнати.

Макрон, исто така, пред самитот на НАТО во Мадрид од денеска до четврток рече дека земјите-членки на алијансата мора да испратат порака за единство.

„Пораката што мора да се испрати од Мадрид е порака за единство и сила“, истакна тој. „Се работи за безбедноста на европскиот континент“, додаде тој.

Германскиот канцелар Шолц рече дека санкциите ќе завршат кога Путин ќе прифати дека неговите планови за Украина ќе пропаднат.

„За Путин има само еден излез, а тоа е да прифати дека неговите планови за Украина ќе пропаднат“, рече тој на прес-конференцијата по самитот на Г7.

Шолц нагласи дека лидерите на Г7 сакаат Русија да ја плати максималната цена за инвазијата на Украина.

„Г7 останува обединета во поддршката на Украина“, рече Шолц. „Ќе продолжиме да ја одржуваме и зајакнуваме економската и политичката цена“ што Путин и неговиот режим мора да ја платат, нагласи тој.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.