Генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг денеска изјави дека „дојде време“ членките на Алијансата да преиспитаат одредени ограничувања во однос на употребата на оружјето доставено до Украина, додека сојузниците остануваат поделени кога се работи за употребата од нивното оружје на цели во Русија.

Столтенберг го изјави ова за време на неформалниот состанок на шефовите на дипломатииите на земјите членки на НАТО во Прага, пред самитот на Алијансата во јули во Вашингтон.

Првиот човек на НАТО, во заминување, минатата недела во интервју за „Економист“ ги повика сојузниците да ја повлечат забраната Украина да го користи оружјето на Алијансата при напади врз воени цели на територијата на Руската Федерација.

„Економист“ наведе дека јасната, иако неименувана цел , на Столтенберг беше „политиката на американскиот претседател Џо Бајден“, со која тој ги одредува целите што Украина може да ги нападне со американско оружје.

Украинскиот претседател Володимир Зеленски неколку пати апелираше до западните сојузници да дозволат да се користи донираното оружје на цели во Русија, особено по напредувањето на руските трупи во регионот Харков.

Британските медиуми пренесуваат дека членките се поделени, а меѓу некои сојузници постои страв дека таквото одобрение може да го вовлече НАТО во директен конфликт со Русија.

Рускиот претседател Владимир Путин претходно предупреди дека малите европски земји ќе претрпат „сериозни последици“ доколку оружјето на НАТО погоди цели во Руската Федерација.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.