Долготрајните прашања за владеењето на правото и демократијата во Унгарија остануваат во голема мера нерешени оцени Парламентарното собрание на Советот на Европа (ПССЕ) и притоа изгласа земјата да се стави под процедура за мониторинг, јави дописникот на МИА од Стразбур.
Унгарија им се придодаде на десет други земји-членки на Советот на Европа кои моментално се под целосен мониторинг (Албанија, Ерменија, Азербејџан, Босна и Херцеговина, Грузија, Молдавија, Полска, Србија, Турција и Украина), што вклучува редовни посети на известувачи на ПССЕ, тековен дијалог со властите и периодични проценки за тоа колку една земја-членка ги почитува своите обврски и ангажирањата преземени со членството во Советот на Европа .
Во резолуцијата заснована на извештајот на Јоргос Папандреу (Грција, СПЦ) и Ерик-Нилес Крос (Естонија, АЛДЕ), Собранието рече дека широката употреба на основните закони, што бараат двотретинско мнозинство, „сериозно го ограничува политичкиот плурализам, што е белег на еден демократски систем“.
Неодамнешните законски измени и проблеми со изборните закони значат дека сегашната изборна рамка не обезбедува еднакви услови за фер избори, заклучија парламентарците, давајќи низа препораки во однос на изборите, судството и медиумите.
ПССЕ забележа серија од 17 измени на постојните закони минатиот месец кои имаат за цел да го подобрат функционирањето на демократските институции, да ја зајакнат транспарентноста и да ги заострат правилата за конфликт на интереси и ги покани унгарските власти да побараат експертиза од релевантните тела на Советот на Европа за овие промени.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.