Министрите за надворешни работи на Групата седум богати нации (Г7) денеска ќе се сретнат во германското летувалиште Вајсенхаус на Балтичкото Море за да разговараат за прашањето за ублажување на проблемите со безбедноста на храната, бидејќи расте стравот дека војната меѓу Русија и Украина може да ја дестабилизира Молдавија.

На годишниот состанок, кој ќе трае до сабота, ќе се соберат највисоките дипломати од Велика Британија, Канада, Германија, Италија, Франција, Јапонија, САД и Европската Унија.

Во разговорите ќе доминира ситуацијата во Украина и начинот на управување со последиците од конфликтот, кој би можел да трае со месеци, ако не и подолго, пренесува Ројтерс.

На состанокот денеска ќе присуствуваат и министрите за надворешни работи на Украина и на Молдавија, на кој индустриски развиените западни земји треба да ја потврдат својата поддршка.

Војната во Украина доведе до раст на глобалните цени на житариците, маслото за јадење, горивото и вештачките ѓубрива, а агенциите на Обединетите нации предупредуваат дека зголемувањето на цените ќе ја влоши кризата со храна, особено во Африка.

Руската агресија против Украина, која започна во февруари, го наруши транспортот во Црното Море, главниот транспортен пат за жито и други стоки, и го задуши извозот од Украина и Русија, анализираат медиумите.

Во украинското пристаниште Одеса моментално се блокирани 25 милиони тони житарки, што значи храна за милиони луѓе во светот на кои им е итно потребна, особено во африканските земји и на Блискиот Исток. Затоа денеска испраќаме јасен сигнал „Ве гледаме, слушаме и ве поддржуваме – изјави пред новинарите германската министерка за надворешни работи Аналена Бербок.

Дипломатски извори велат дека состанокот има за цел подобро да ги организира седумте земји за да најдат брзи и ефективни одговори на кризата со храна.

Иако американскиот државен секретар Ентони Блинкен нема да присуствува на состанокот бидејќи се заразил со Ковид-19, преостанатите министри ќе се обидат да и дадат поддршка на Молдавија, која се бори со приливот на бегалци од соседна Украина.

На денешниот состанок во Германија ќе се приклучи и индонезискиот министер за надворешни работи Ретно Марсуди, чија земја во моментов претседава со Групата 20 индустриски и растечки економии (Г20), чиј член е Русија.

Француски функционер изјави дека ќе се постави прашањето за присуството на Русија на состанокот на шефовите на држави во ноември, пренесе Ројтерс.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.