Обвиненија за велепредавство се покренати против пет лица од екстремнодесничарската група „Рајхсбиргер“, кои според властите планирале да го киднапираат германскиот министер за здравство и биле подготвени да убијат за да ја соборат германската влада, соопшти денеска германскиот државен обвинител.

Во средината на јануари 2022 година, обвинетите формирале група чија цел била „насилно да предизвикаат услови слични на граѓанска војна во Германија” со цел да се собори владата и да се укине парламентарната демократија, велат од обвинителството.

Во соопштението се наведува дека членовите на групата биле подготвени да ги загубат животите за оваа цел. Сите петмина се во притвор по големата полициска акција минатиот месец, во која беа уапсени.

Групата имала план според кој требало да предизвикаат прекин на снабдувањето со струја за целата земја, да го киднапираат министерот за здравство Карл Лаутербах, да ги убијат неговите телохранители доколку е потребно, а потоа да свикаат собрание што ќе ја замени владата и ќе назначи нов лидер на земјата.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.