Француската Влада денеска на состанок на Советот на министри ја усвои пензиската реформа, демонстрирајќи решеност да не попушта пред барањата на синдикатите, кои имаат намера да продолжат со протестите и штрајковите против водечкиот проект на претседателот Емануел Макрон.

Министерот за труд, Оливие Дусоп, по средбата изјави дека нема да има промена на старосната граница за пензионирање и дека ќе остане како во предложената реформа, пензионирање на 64 години.

Синдикатите и дел од опозицијата најмногу ја оспоруваат законската старосна граница која досега беше 62 години.

По првиот ден од штрајковите и протестите низ Франција одржани во четвртокот, кога се собраа меѓу еден и два милиони луѓе, властите се обидуваат да ги минимизираат протестите, но веќе изјавуваат дека се држат до планот.

Француската Влада се надева дека расправата во Парламентот ќе биде брза и оти реформата би можела да стапи на сила веќе наредното лето.

Следниот голем собир на Французите против реформата е закажан за 31 јануари.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.