Десетици милиони Американци вчера беа изложени на опасни и штетни временски услови – снежни бури на северозападниот и средниот запад, студено време, поплави на источниот брег и потенцијални торнада на југот, што предизвика многу откажувања на летови и прекин на електричната енергија во некои области.

Авиокомпаниите вчера одложија над 7.600 летови низ САД, вклучувајќи ги и авионите што беа приземјени на меѓународниот аеродром О’Харе во Чикаго поради ветрови и заслепувачки снег.

Во Ајова, републиканските претседателски кандидати ги откажаа своите закажани предизборни активности.

Националната метеоролошка служба (NWS) предупреди дека условите за снежна бура низ поголемиот дел од горниот дел на средниот запад, со обилни снегови и силни ветрови, ќе продолжат и денеска.

Во Мичиген, повеќе од 133.000 домови и компании останаа без струја, како и повеќе од 150.000 корисници во Висконсин, Западна Вирџинија, Охајо и Пенсилванија, покажуваат податоците на дистрибутерот на струја „PowerOutage.US“.

-Ваквиот состав на бурата е дефинитивно опасен, рече Зак Тејлор, метеоролог во метеоролошкиот центар „NWS“ во Колеџ Парк, Мериленд.

Службата, исто така, предупреди и на непотребните патувања, забележувајќи ја слабата видливост на некои патишта во Чикаго, како и ризиците од смрзнатини и хипотермија во Ајова, каде се прогнозира дека температурите во поголемиот дел од државата ќе се спуштат под минус 18 степени Целзиусови.


Извор: МИА


Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.