По празничната недела обележана со откажувања на летови и рекордно зголемување на случаите на Ковид-19, силната зимска снежна бура дополнително го наруши транспортниот сектор во САД, ги затвори федералните канцеларии и го запре животот во Вашингтон.

Снежната бура нанесе неочекувано силен удар и се чини дека најголемиот дел од главниот град на САД го најде неподготвен привремено заробувајќи го американскиот претседател Џо Бајден во авион на Ер Форс 1.

Многу Американци се обидуваат да се вратат дома по божиќните и новогодишните празници, но се соочуваат со илјадници откажани летови поради лошите временски услови и проблемите со персоналот на авиокомпаниите, кои делумно се должат на ширењето на инфекцијата со коронавирус меѓу екипажот на авионите.

Првиот работен ден од 2022 година донесе повеќе од 4.900 откажани летови ширум светот, вклучувајќи 3.173 летови во САД и меѓународни летови до и од САД.

Ваквите одложувања заедно со 6.775 доцнења на летови во САД ја зголемија маката на оние што се враќаа од празниците.

Лошото време кое го зафати централниот дел на американскиот источен брег предизвика најголеми немири во главниот град и соседните држави Мериленд и Вирџинија, каде наврнаа и до 30 сантиметри снег.

Метеоролозите рекоа дека тоа е најголемата снежна бура во областа во последните две години.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.