Повеќе од 3.800 луѓе загинаа во разорните поплави што го зафатија градот Дерна во Либија, соопшти портпаролот на Министерството за внатрешни работи на владата што владее со источниот дел на земјата.
Според портпаролот, поручникот Тарек ал-Хараз, досега во градот се идентификувани 3.840 жртви, од кои 3.190 биле погребани вчера. Меѓу жртвите има најмалку 400 странци, главно Суданци и Египќани.
Најмалку 250 тела се извлечени денеска, а повеќе од 2.400 луѓе се водат како исчезнати во невремето што ја погоди земјата во неделата, додаде портпаролот.
Властите во источниот дел на земјата стравуваат дека конечниот број на жртви од поплавите во Дерна и соседните области по минувањето на бурата Даниел може да биде многу поголем, со оглед на размерите на уништувањето и тешкотиите во обезбедувањето помош за настраданите.
Велика Британија денеска соопшти дека и дава на Либија првична помош од еден милион фунти (1,16 милиони евра). Во изјавата за медиумите, британските дипломати рекоа дека ОН доделиле 10 милиони долари (9,3 милиони евра) од Централниот фонд за одговор при итни случаи, во кој Велика Британија е еден од најголемите придонесувачи.
Обемот на загубите и уништувањето предизвикано од поплавите во Либија „се потресителни“, напиша британскиот премиер Риши Сунак на мрежата Х. „Ние работиме на обезбедување итна помош за либискиот народ, вклучително и првично финансирање за поддршка на меѓународните напори за помош“, нагласи тој
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.