Министерот за надворешни работи на Унгарија, Петер Сијарто, чија земја е следниот претседавач со Европската унија, најавува дека за време на претседавањето едно од прашањата на кое ќе се посветат ќе биде процесот на проширување.
Претседателството мора да постави реалистични цели за следните шест месеци. Претседателството има шанса да стави некои прашања на агендата и да ги забрза малку, некои досиеја и да ги турне напред. Тоа може да направи претседателството. Ние, многу од нашиот труд ќе го концентрираме на процесот на проширување и тие досиеја ќе ги туркаме едно по едно. Мислам дека е срамота што вистинските разговори за пристапување се уште не се почнати со Македонија, исто и со Албанија. Знаеме дека Црна Гора не може да затвори ниедно поглавје до сега, вели Сијарто за емисијата „Агенда 35“ на МРТ.
Додава дека Унгарија е една од државите кои се поддржувачи на проширувањето на Унијата и дека за тоа има неколку причини.
ЕУ е во лоша состојба и мора да се покрене прашањето како оваа состојба да се подобри, вели Сијарто. Веруваме дека на ЕУ и треба нов динамизам, нова енергија и свежина, а земјите од Западен Балкан можат да го донесат тој импакт.
Во однос на државите членки кои велат дека прво треба да се стави фокус на внатрешните реформи, а потоа да се биде подготвен за проширување, Сијарто со став дека тоа е многу лицемерно и дека скептичните земји или оние кои се против проширување никогаш не зборуваат отворено и директно.
Тие никогаш нема да речат – ние сме против проширување, ние не се согласуваме Македонија да се приклучи на ЕУ. Тие секогаш ќе стават напред некои вештачки нешта, кои всушност и не разбирате што значат. Што значи „внатрешни реформи пред проширување“? Што значи „продлабочување пред проширување“? Ова се комуникациски балони, комуникациски панели што не значат ништо. Тие имаат само функција да ja сокријат позицијата против проширувањето. Затоа велам дека искреноста мора да се врати во дебатата за проширувањето. Искреноста и взаемната почит. Мислиме дека најголемиот проблем во моментов во европската политичка арена е големиот недостиг на взаемна почит. Да се почитува Македонија, за мене, на пример, значи членките на ЕУ да зборуваат директно и отворено за нивните позиции, во однос на проширувањето и приемот на Македонија. Но, тие никогаш нема да го кажат тоа. Тоа што исто така ме фрустрира е што гледам претставници на земји членки како зборуваат јавно и потоа ги слушам што зборуваат зад затворени врати, посочува Сијарто.
Вели дека нема дилема дека процесот на проширување е стопиран и дека како земја претседавач ќе дадат се од себе за да се отворат меѓувладините конференции, новите кластери и поглавја.
Тоа е амбицијата што ја имаме пред нас, вели Сијарто.
Во однос на барањето за екстрадиција на поранешниот премиер Никола Груевски, Сијарто вели дека тоа е одлука на судот и дека Груевски нема никакви привилегии.
Не, не, нема привилегии. Тој си доби азил, а процедурата е правна, не е политичка, па кога ме прашувате што ќе се случи со барањето за екстрадиција немам поим, оти не е на Владата, а особено не на МНР да го цени тоа. Секогаш е судот тој кој ја носи одлуката, а во нашата земја ние не се мешаме во судството. Не знаеме што ќе се случи, истакнува Сијарто.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.