Министерот за надворешни работи на Унгарија, Петер Сијарто изјави дека на Романија и Бугарија треба да им се дозволи да се приклучат на Шенгенската зона, бидејќи напорно работат на заштита на своите граници и направиле многу за да ја сузбијат илегалната миграција.

Сијарто во објава на Фејсбук напиша дека на Хрватска и е одобрено да стане членка на Шенген зоната, додека Романија и Бугарија се одбиени иако го заслужиле тој статус.

Тој напиша дека одбивањето е последица на ветото кое го ставиле Австрија и Холандија, додека „сите останати поддржуваа“ Бугарија и Романија да влезат во Шенген.

Сијарто го критикуваше „молчењето на медиумите, бриселските бирократи и министрите на либералните влади“ кои, како што посочи, не го критикуваа ветото на Австрија и Холандија, за разлика од ставовите на унгарската Влада кои во последно време се критикувани.

Ако централноевропските земји на овој начин го користат ветото, тоа е крај на светот и уништување на европското единство, но кога ветото го користат држави од Западна Европа тогаш тоа е во ред, заклучи Сијарто.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.